Исход 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Израилците – робови во Египет 1 А овие се имињата на синовите Израилеви, кои дојдоа во Египет со Јаков; секој со своето семејство дојде. 2 Рувим, Симон, Левиј и Јуда, 3 Исахар, Завулон и Венијамин, 4 Дан и Нефталим, Гад и Асир. 5 И сите, кои произлегоа од Јаков, беа седумдесет (и пет) души, а Јосиф, пак, беше во Египет. 6 Потоа умре Јосиф и сите браќа негови, и сиот нивни род; 7 а синовите израилски се народија и се намножија, станаа многу, и се засилија многу, така што земјата се наполни со нив. 8 Тогаш во Египет се зацари нов цар, кој не знаеше за Јосиф, 9 и му рече на својот народ: „Еве, народот на синовите израилски е многуброен и посилен од нас. 10 Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да си отидат од нашата земја.“ 11 И поставија над нив надзорници над работите за да ги мачат со тешка работа. И тие му ги изградија на фараонот Питом, Рамзес (и Он, сега наречен Илиопол), градови – складишта. 12 Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа и се засилуваа така што Египќаните започнаа да се плашат од синовите на Израил. 13 Затоа Египќаните ги угнетуваа синовите на Израил со жестокост, 14 и им го загорчуваа животот со тешки работи со кал и со правење тули, и со разни полски работи, и со секаква друга работа, ги измачуваа немилосрдно. Насилието на фараонот врз Израилците 15 Освен тоа, царот египетски им заповеда на еврејските бабици, од кои на едната ѝ беше името Шифра, а на другата Пуа; 16 и им рече: „Кога ќе бабувате кај Еврејките, и при породувањето, ако видите дека е машко, убијте го, а ако биде женско, нека живее!“ 17 Но бабиците се плашеа од Бога и не правеа така, како што им заповеда египетскиот цар, туку ги оставаа машките деца живи. 18 А египетскиот цар ги повика бабиците и им рече: „Зошто правите така и ги оставате машките деца во живот?“ 19 А бабиците му одговорија на фараонот: „Еврејките не се како египетските жени: зашто тие се јаки и пред да дојде бабицата, веќе родиле.“ 20 Бог беше добар кон бабиците и народот се множеше и многу се засилуваше. 21 И бидејќи бабиците се плашеа од Бога, Бог ги умножи нивните семејства. 22 Тогаш фараонот му заповеда на целиот свој народ, велејќи: „Секое машко кое ќе се роди кај Евреите, фрлајте го в река: само женските деца оставајте ги во живот.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society