Проповедник 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Животот е бесмислен 1 Зборови на проповедникот, син Давидов, цар израелски. 2 Суета над суетите, вели проповедникот, суета над суетите – сѐ е суета! 3 Каква е ползата за човекот од сите негови трудови, со кои се труди под сонцето? 4 Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а земјата останува засекогаш. 5 Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева. 6 Ветрот вее кон југ и се врти кон север, се врти, се врти во својот пат и пак ги почнува своите вртења во круг. 7 Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат одново. 8 Секоја работа бара труд: човекот не може сѐ да искаже; окото не се наситува од гледање, ниту увото може да се наслуша. 9 Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето. 10 И ако за нешто се рече: „Види, ете, тоа е ново“; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас. 11 Нема спомен за минатото; па и за тоа, што ќе биде подоцна нема да остане спомен кај оние што ќе дојдат. Искуството на проповедникот 12 Јас, проповедник, бев цар над Израел во Ерусалим; 13 и го управив срцето свое да истражува и да испитува преку мудроста сѐ, што станува под небото; таа тешка задача им ја даде Бог на синовите човечки, за да се занимаваат со неа. 14 Ги видов сите работи, што се вршат на земјата, и ете – сѐ е суета и мака за духот. 15 Кривото не може да се исправи, и она, што го нема не може да се брои. 16 Си велев во срцето свое: „Еве, јас се воздигнав и се здобив со мудрост повеќе од сите, што беа пред мене над Ерусалим, и срцето мое виде многу мудрост и знаење.“ 17 И го насочив срцето свое да ја познае мудроста, да ги познае безумието и глупоста; но разбрав дека и тоа е мачно за духот; 18 зашто при големата мудрост голема е и тагата, и кој умножува знаење, умножува и мака. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society