Колосјаните 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Поздрав 1 Павле, по волјата Божја апостол на Исус Христос, и братот Тимотеј, 2 до светиите и верните браќа во Исус Христос што се во Колоси: благодат вам и мир од Бога нашиот Отец и Господ Христос! Благодарност за Евангелието 3 Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, секогаш кога се молиме за вас, 4 бидејќи слушнавме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта ваша, која ја имате кон сите светии, 5 поради надежта која се чува за вас на небесата, за која порано сте слушнале од словото на вистината – Евангелието, 6 кое е во вас, како и во целиот свет, и принесува плод и расте, како и меѓу вас од оној ден кога ја чувте и познавте Божјата благодат во вистината; 7 како што и научивте од Епафрас, нашиот возљубен соработник, кој е верен служител Христов заради вас, 8 и кој нѐ извести за вашата љубов во Духот. Молитва за Црквата 9 Затоа и ние, од оној ден кога го чувме тоа, непрестано се молиме и сакаме да се исполните со познание на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, 10 та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познанието на Бога, 11 укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и великодушност со радост, 12 благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината, 13 нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот возљубен Син, 14 во Кого имаме откуп; и простување на гревовите. Личноста и Христовото дело 15 Тој е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание; 16 бидејќи преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сѐ е преку Него и за Него создадено. 17 Тој е пред сѐ, и сѐ во Него стои. 18 И Тој е глава на телото, односно на Црквата. Тој е почеток, првороден од мртвите, за да има првенство во сѐ. 19 Бидејќи во Него благоволи Отецот да ја насели сета полнота, 20 и преку Него да измири сѐ со Себе, или земно, или небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст. 21 И вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бога, и непријатели поради помислите кон лоши дела, 22 сега ве примири во телото на Неговото тело, преку Неговата смрт, за да ве претстави пред Себе свети, непорочни и без вина, 23 само ако останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи од надежта на Евангелието што го чувте, кое е проповедано на секое поднебесно создание, и Кому што јас, Павле, му станав слуга. Павловата дејност како слуга на Црквата 24 Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата. 25 Нејзе ѝ станав служител по Божја наредба што ми е наложена мене за вас, за да го исполнам словото Божјо, 26 тајната, скриена од векови и родови, а сега откриена на Неговите светии, 27 на кои Бог пожела да им покаже какво богатство на слава има во таа тајна за незнабошците, односно дека Христос, надежта на славата, е во нас. 28 Него ние го проповедаме, вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги со сета мудрост, за да го претставуваме секој човек совршен во Христос; 29 затоа се трудам и се борам. Зашто Неговата сила со голема моќ дејствува во мене. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society