Јов 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Прво искушение на Јов 1 Имаше еден човек во земјата Уц, по име Јов; тој човек беше непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото. 2 И му се родија седум синови и три ќерки. 3 Имотот му беше: седум илјади ситен добиток, три илјади камили, петстотини чифта волови, петстотини магарици и голем број слуги; и тој човек беше најпрочуен меѓу сите луѓе на Исток. 4 Синовите негови се собираа и приредуваа гозби секој во домот свој, на својот ден, а ги покануваа и трите свои сестри да јадат и да пијат со нив. 5 Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги осветуваше. Станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици за сите нив, зашто Јов си велеше: можеби синовите мои згрешиле и Го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови. 6 Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господ; со нив дојде и ѓаволот. 7 И му рече Господ на ѓаволот: „Од каде дојде?“ А ѓаволот Му одговори на Господ и Му рече: „Одев по земјата и ја обиколив.“ 8 И Господ му рече на ѓаволот: „Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото.“ 9 Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: „Зар попусто Јов е богобојазлив? 10 Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сѐ што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, а стадата негови се шират по земјата; 11 но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?“ 12 И му рече Господ на ѓаволот: „Еве, сѐ што е негово, е во твоја рака; само врз него не посегај!“ – И се оддалечи ѓаволот од Господ. 13 Еден ден синовите и ќерките на Јов јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот свој брат. 14 И ете, дојде известувач кај Јов и му рече: „Воловите ораа и магариците пасеа покрај нив, 15 кога Савејци ги нападнаа и ги отераа, а момоците со остар меч ги погубија; избегав само јас за да ти јавам.“ 16 Додека уште говореше, дојде друг и рече: „Оган Божји од небото падна, ги изгоре овците и момоците и ги голтна; и побегнав само јас, за да ти јавам.“ 17 Додека тој говореше, дојде трет, па рече: „Халдејци, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а момоците со остар меч ги погубија; само јас избегав, за да ти јавам.“ 18 И додека тој уште говореше, се појави друг и рече: „Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот свој брат; 19 ете, дувна силен ветар откај пустината и ги зафати четирите агли на куќата; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас, за да ти јавам.“ 20 Тогаш Јов стана, ја раскина својата горна облека, ја острижа главата своја и падна на земја, па се поклони 21 и рече: „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово!“ 22 Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society