Јоил 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Знаци на денот Господов: скакулци по земјата 1 Слово Господово упатено до Јоил, синот Петуелов. 2 Чујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја: се случувало ли ова во вашите денови или во деновите на вашите татковци? 3 Раскажувајте за него на децата ваши; а децата ваши нека им раскажуваат на нивните деца, и нивните деца – на следниот род; 4 сѐ што остана од гасениците, го изедоа скакулците; а што остана од скакулците, го изедоа црвите; и што остана од црвите, го изедоа бумбарите. 5 Разбудете се пијаници, плачете и ридајте, вие сите што пиете вино, за сокот гроздов, зашто е одземен од устата ваша. 6 Зашто против земјата моја дојде народ силен и безброен; забите му се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица. 7 Тој ми ја опустоши лозата, и смоквата ми ја откорна, ја излупи до голо и ја фрли; гранките ѝ побелеа. 8 Плачи како што плаче девица, опашана со вреќиште, за свршеникот од својата младост. 9 Се прекрати лебниот принос и преливот за него во домот Господов; плачат и свештениците, служителите Господови. 10 Опустошено е полето, тагува земјата, зашто е уништено житото; се исуши гроздовиот сок, пресуши маслиновото масло. 11 Црвенете се од срам, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна жетвата по нивите, 12 лозата се исуши, смоквата свена, нарот, палмата и јаболкницата – сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата меѓу луѓето исчезна. Вратете се кај Господ 13 Препашете се со вреќиште, свештеници, и плачете; ридајте, служители на светилиштето. Влезете и ноќевајте, служители на мојот Бог, во вреќиште, зашто во домот на вашиот Бог нема веќе лебен принос и прелив. 14 Наредете свет пост, објавете свечен собир, повикајте ги старешините и сите жители од тој крај во домот на Господ, вашиот Бог – викајте кон Господ. 15 Страшен ден! Зашто денот Господов е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот. 16 Зар пред очите наши не се одзеде храната, и од домот на нашиот Бог – веселбата и радоста? 17 Изгниени се зрната под сувите грутки, запустени се житниците, урнати се амбарите, зашто нема веќе жито. 18 Ете, стенка добитокот, скитаат стадата волови, зашто нема за нив пасиште; се измачуваат и стадата овци. 19 Кон Тебе, Господи, викам, зашто оган ги проголта пасиштата во пустината, и пламен ги подгори дрвјата во полето. 20 Дури и животните во полето викаат кон Тебе, зашто секна водата по потоците, и оган ги изгоре пасиштата во пустината. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society