Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Авакум 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Пророковата молитва и тагување

1 Пророчко видение што го имаше пророкот Авакум.

2 До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш?

3 Зошто ми дозволуваш да гледам злосторства, и да гледам неволји? Гра­бежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор.

4 Поради тоа законот ја изгуби силата, а правдата е згазена: нечестивиот го победува праведниот, и затоа правдата се искривува.


Божјиот одговор

5 Погледајте меѓу народите, видете – зачудете се! Зашто во ваше време Јас извршувам такво дело, за кое вие не би поверувале, ако би ви раскажувале.

6 Зашто Јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби, кои нему не му припаѓаат.

7 Тој е страшен и ужасен; тој самиот е и суд и власт.

8 Коњите негови се побрзи и од леопарди и пострашни од волци во рани зори; коњицата негова потскокнува; јавачи му доаѓаат од далечина, налетуваат како орли, што се спуштаат врз пленот.

9 Сите тие доаѓаат по грабеж; со лица вжештени, грабаат робови како песок!

10 И со цареви се подигруваат, а кнезовите им служат за подбив; над секоја тврдина се смеат: засипуваат опсаден окоп и ја преземаат.

11 Тогаш како ветер се свртуваат и си одат – престапници и виновници; нивната сила им е бог.


Повторна поплака од Авакум

12 Но, зар не си Ти од векот Господ Бог мој, Светецот мој? Ти, Кој не уми­раш! Ти, Господи, само за суд си го до­пуштил тоа. Карпо моја, за казна си го определил ова.

13 На чистите очи Твои не е својстве­но да гледаат злосторства и Ти не мо­жеш да гледаш угнетување. Зошто гледаш злодејци и молчиш, кога нечес­тивиот проголтува човек што е по­праведен од него?

14 Ги оставаш луѓето како риба в море и како лазачи, кои немаат господар?

15 Непријателот со јадици ги лови, ги лови во мрежата своја, ги извлекува и ги собира на суво, па затоа се радува и весели.

16 Затоа на мрежата своја ѝ принесува жртва и на торбата ѝ кади со темјан, зашто тие му прибавуваат сладок залак и вкусна храна.

17 Ќе продолжи ли тој да ја празни мрежата своја и постојано да ги убива народите безмилосно?

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies