2 Јован 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Поздрав 1 Од свештеникот – до избраната госпоѓа и нејзините чеда, кои ги љубам во вистината, – и не само јас, туку и сите што ја познаа вистината; 2 поради вистината, која пребива во нас и ќе биде со нас до века. 3 Да биде со нас благодатта, милосрдието, мирот од Бог Отецот и од Господ Исус Христос, Синот на Отецот во вистина и љубов! Заповед на љубовта 4 Многу се зарадував, зашто најдов некои од твоите чеда во вистина, онака како што добивме заповед од Отецот. 5 И сега те молам, госпоѓо, не како да ти пишувам нова заповед, но онаа што ја имаме од почетокот, да се љубиме едни со други. 6 А љубовта се состои во тоа, да постапуваме по Неговите заповеди. Тоа е заповедта, што ја чувте во почетокот, за да постапувате според неа; Антихристи 7 бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во тело; таков човек е измамник, Антихрист. 8 Пазете се за да не го изгубите она за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда. 9 Секој, кој оди предалеку и не останува во Христовото учење, Го нема Бога; кој останува во Христовото учење, тој Го има и Отецот и Синот. 10 Кој доаѓа кај вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го; 11 зашто, кој го поздравува, учествува во неговите лоши дела. Поздрави 12 Вистина, имав многу да ви пишувам, но не сакав на книга и со мастило, зашто се надевам дека ќе дојдам кај вас и од устата да ви зборувам, та радоста ваша да ви биде полна. 13 Ве поздравуваат чедата на избраната твоја сестра. Амин! |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society