Aanlyn Bybel

- Advertensies -


Послание на апостол Павле до Тит 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


За поставување свештеници и за честитоста во Крит.

1 Павле, слуга Божји и апостол на Исуса Христа за верата на Божјите избраници и за познавање на вистината во побожноста,

2 со надеж за вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже – пред вечни времиња,

3 и во свое време го јави словото Свое преку проповедта, што ми ја повери мене по заповед на нашиот Спасител, Бога,

4 до Тит, вистинското чедо по заедничката вера. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, нашиот Спасител!

5 Затоа те оставив во Крит, за да го довршиш несвршеното и во сите градови да поставиш презвитери, како што ти бев порачал:

6 кој е непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудство или непокорност.

7 Бидејќи епископот, како Божји распоредник, треба да е непорочен, не гневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за гнасна печалба,

8 туку гостољубив, доброљубив, трезвен, справедлив, свет, воздржлив;

9 кој се држи според вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги изобличува оние, кои се противат.

10 Оти има и мнозина непокорни, празнословци и измамници, а особено меѓу обрезаните,

11 на кои треба да им се затвори устата: тие растураат цели домови, учејќи на она што не треба, поради одвратна печалба.

12 Еден од нив, нивни пророк, беше рекол: »Критјаните се секогаш лажливци, зли ѕверови, мрзливи трбуси«.

13 Тоа сведоштво е вистинско. Поради таа причина изобличувај ги строго, за да бидат здрави во верата,

14 и да не слушаат јудејски бајки и заповеди од луѓе, кои одвраќаат од вистината.

15 За чистите е сѐ чисто, а за осквернетите и неверните нема ништо чисто; ним им се осквернети и умот и совеста:

16 тие зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и негодни за никакво добро дело.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies