Судии 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990По смртта на Исуса Навина племето Јудино прво започнува војна. 1 По смртта на Исуса синовите Израилеви Го прашаа Господа, велејќи: »Кој од нас прв ќе тргне против Хананејците – да војува против нив?« 2 Господ одговори: »Јуда ќе тргне; ете, Јас ја предавам земјата во негови раце.« 3 Јуда, пак, му кажа на братот свој Симеона: »Влези со мене во мојот жреб, и да војуваме против Хананејците; и јас ќе влезам со тебе во твојот жреб.« И Симеон отиде со него. 4 Тогаш Јуда тргна, и ги предаде Господ Хананејците и Ферезејците во рацете нивни, и тие убија од нив во Везек десет илјади души. 5 Во Везек се сретнаа со Адони-Везек, се судрија со него и ги разбија Хананејците и Ферезејците. 6 Адони-Везек избега, но тие се спуштија, тргнаа по него, го фатија и му ги исекоа палците на рацете негови и на нозете негови. 7 Тогаш Адони-Везек рече: »Седумдесет цареви со пресечени палци на рацете и нозете собираа трошки под трпезата моја; како што правев јас, така ми воздаде Бог.« И го доведоа во Ерусалим, каде што и умре. 8 и војуваа Јудините синови против Ерусалим, го презедоа и го поразија со меч и градот го изгореа со оган. 9 Потоа Јудините синови отидоа да војуваат против Хананејците, кои живееја во гората и во јужната земја и во низините. 10 И тргна Јуда против Хананејците, кои живееја во Хеврон, порано Хеврон се нарекуваше Кириат-Арба, и го поразија Сесаја, Ахимана и Талмаја. 11 Оттука отидоа против жителите на Давир, порано Давир се викаше Киријат-Сефер. 12 И рече Халев: »Кој ќе го порази Киријат-Сефер и го преземе, ќе му ја дадам ќерката своја Ахса за жена.« 13 Го презеде Готониил, син Кенезов, помалиот брат Хелезов, и Халев му ја даде ќерката своја Ахса за жена. 14 Пред да замине таа, Готоноил ја подучи да бара од татка си земја, и таа слезе од оселот. Халев ја праша: »Што бараш?« 15 А таа му рече: »Дај ми благослов; ти ми даде сува земја, дај ми и водни извори.« И ѝ ги даде Хелев горните извори и долните извори. 16 И синовите на Кенеецот, Мојсеевиот тест, појдоа од градот на палмите со Јудините синови во Јудината пустиња, која е на југ од Арад. И дојдоа и се населија меѓу народот. 17 Потоа тргна Јуда со брата си Симеона и ги порази Хананејците, кои живееја во Сефат, го предадоа градот под заклетва и го нарекоа тој град Хорма. 18 Јуда исто така ги презеде Газа со пределите нејзини, Акарон со пределите негови, и Анарод со пределите негови, 19 зашто Господ беше со Јуда, и тој ја завладеа планината; но не можеше да ги истера жителите во долината, бидејќи тие имаа железни двоколки. 20 А на Халев му го предадоа Хеврон, како што беше заповедал Мојсеј, и таму тој ги доби во наследство трите града на синовите Енакови и ги истера оттаму трите синови Енакови. 21 Но Венијаминовите синови не ги истераа Јевусејците, кои живееја во Ерусалим; Јевусејците живеат со синовите на Венијамина во Ерусалим и до ден денес. 22 И синовите Јосифови исто така тргнаа против Ветил, и Господ беше со нив. 23 А се задржаа Јосифовите синови и го разгледаа Ветил, а порано градот се нарекуваше Луз. 24 И стражарите видоа еден човек, кој доаѓаше од градот и му рекоа: »Покажи ни го влезот во градот, и ќе ти направиме милост.« 25 Тој им го покажа влезот во градот, и тие го поразија градот со меч, а тој човек и сите негови роднини ги пуштија. 26 Тој човек отиде во земјата на Хетејците и изгради таму град и го нарече со името Луз. Тоа му е името и до ден денес. 27 И Манасија не ги истера жителите на Ветсан и потчинетите му градови, ниту жителите во Дор, ни потчинетите му градови, ни жителите на Иевлам и потчинетите му градови, жителите на Мегедон и потчинетите му градови; така останаа Хананејците да живеат во оваа земја. 28 Кога Израилот се засили, ги направи Хананејците свои поданици, но не ги истера. 29 И Ефрем не ги истера Хнанеците кои живееја во Газер; и Хананејците живееја меѓу нив во Газер и им плаќаа данок. 30 И Завулон не ги истера жителите на Китрон, ниту жителите на Нахлол, и Хананејците живееја меѓу нив и им плаќаа данок. 31 И Асир не ги истера жителите на Акхор, ниту жителите на Дор и ни жителите на Сидон и Ахлав, ни од Ахазив, Далафе, Елва, Афек ниту, пак, од Роав. 32 Се насели Асир меѓу Хананејците, жителите на таа земја, бидејќи не ги истера. 33 И Нефталим не ги истера жителите на Ветсамес како ни жителите на Ветанах и живееше меѓу Хананејците, жителите на таа земја; а жителите на Ветсамес и на Ветанах беа негови поданици. 34 Аморејците ги притискаа синовите Данови во горите, бидејќи не им даваа да слезат во долината. 35 И Аморејците останаа да живеат во гората Херес, во Ајалон и Салавин; но раката на Јосифовите синови ги присили и тие им станаа поданици. 36 Пределите на Аморејците се протегаа од гората Акравин, од карпата сѐ угоре. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society