Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Рута 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Рут со Ноемина патува во Ерусалим.

1 Во она време, кога управуваа судиите, настана глад во земјата. И еден човек од Витлеем Јудејски отиде да живее во Моавските полиња, заедно со жена си и двајцата синови свои.

2 Името на тој човек му беше Елимелех, името на жена му – Ноемина, а двајцата синови негови се викаа Малон и Хелеон: тие беа од Еуфрат, од Витлеем Јудејски. И дојдоа во Моавските полиња и останаа таму.

3 Елимелех, мажот на Ноемина, умре, и таа остана со двајцата синови свои.

4 Тие си зедоа за жени Моавки, – на едната името ѝ беше Орфа, а на другата – Рут; и живееја таму околу десет години.

5 Но подоцна и обајцата синови нејзини, Малон и Хелеон, умреа, и остана таа жена без двајцата синови свои и без мажот свој.

6 Тогаш таа се крена со снаите свои и се врати од Моавските полиња, бидејќи беше чула во Моавските полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб.

7 И таа тргна од она место, каде што живееше, и двете снаи нејзини со неа. Кога одеа по патот, враќајќи се во Јудејската земја,

8 Ноемин им рече на двете свои снаи: »Одете и вратете се секоја во татковата си куќа; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене!

9 Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!« И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па

10 ѝ рекоа: »Не, ние ќе се вратиме со тебе при твојот народ.«

11 А Ноемин рече: »Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зар уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи?

12 Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: ‚уште имам надеж‘, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови,

13 ќе можете ли да чекате, додека да пораснат? Можете ли да се одржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Господова ме порази.«

14 Тие повикаа и пак заплакаа. И Орфа се прости со свекрвата своја и се врати при родот свој, а Рут остана со неа.

15 Ноемина ѝ рече на Рут: »Ете, јатрвата ти се врати при родот свој и при боговите свои; врати се и ти по јатрвата своја.«

16 Но Рут одговори: »Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; но каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живем и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог – мој Бог;

17 и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; Господ нека ми го направи тоа и нешто повеќе нека додаде; само смртта ќе ме раздели од тебе.«

18 Ноемина, откако виде дека таа цврсто е решена да отиде со неа, престана да ѝ зборува.

19 И одеа тие двете, додека стигнаа до Витлеем, целиот град се раздвижи поради нив, и рекоа: »Ова ли е Ноемина?«

20 Таа им рече: »Не ме викајте Ноемина, викајте ме Мара, зашто Седржителот ми испрати голема горчевина.

21 Јас излегов одовде заможна, а Господ ме врати со празни раце: зошто да ме викате Ноемин, кога Господ ме принуди да страдам, и Седржителот ми испрати несреќа?«

22 И Ноемина се врати, а заедно со неа и снаата нејзина, Моавката Рут, кој дојде од Моавските полиња; тие пристигнаа во Витлеем, кога беше почнала јачменовата жетва.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies