Марко 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Јован го објавува доаѓањето на Исуса Христа. Крштавањето на Исуса и Неговото искушување. Исус го проповеда Евангелието, ги повикува учениците и исцелува болни. 1 Почеток од Евангелието на Исуса Христа, Син Божји, 2 како што е напишано кај пророците: »Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој што ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.« 3 Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови. 4 Се јави Јован, крштавајќи во пустината, и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите. 5 И излегуваа при него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и сите се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови. 6 А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед. 7 И проповедаше, велејќи: »По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. 8 Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети.« 9 А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан. 10 И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува на Него. 11 И се чу глас од небесата: »Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.« 12 Веднаш потоа Духот Го изведе во пустина. 13 И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја. 14 А потоа, кога Јован беше предаден, дојде Исус во Галилеја и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо, 15 и велеше: »Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието.« 16 И, одејќи покрај Галилејското Море, го виде Симона и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари. 17 Исус им рече: »Врвете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!« 18 И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. 19 Па, штом одмина малку, го виде Јакова Зеведеев и брата му Јована, исто така во кораб, како ги крпат мрежите свои; 20 веднаш ги повика и нив. И тие, оставајќи го татка си Зеведеја во коработ со наемниците, тргнаа по Него. 21 И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата влезе Он во синагогата и поучуваше. 22 И се чудеа на Неговата наука, оти Он ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците. 23 Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, говорејќи: 24 О, што имаш Ти со нас, Исусе Назарејче! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји! 25 Но Исус му забрани, велејќи: »Молкни и излези од него!« 26 Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со висок глас и излезе од него. 27 И сите се стресоа од ужас, така што еден со друг се прашуваа и велеа: »Што е ова?! И какво е ова ново учење, што со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат?« 28 И одеднаш се разнесе глас за него по целиот крај Галилејски. 29 Па, како излегоа од синагогата, дојдоа со Јакова и Јована во куќата на Симона и Андреја. 30 А баба му на Симона лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа. 31 И кога пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана; и почна да ги послужува. 32 А приквечер, кога заоѓаше сонцето, носеа при Него секакви болни и бесни. 33 И целиот град се беше собрал пред портата. 34 И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу бесови и не им позволуваше на бесовите да кажуваат, дека знаат оти е Он Христос. 35 А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше. 36 А Симон, и оние што беа со Него, поитаа по Него; 37 па, кога Го најдоа, Му рекоа: »Сите Те бараат.« 38 А Он им рече: »Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, зашто затоа сум излегол.« 39 И проповедаше во нивните синагоги по цела Галилеја и изгонуваше бесови. 40 И дојде при Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: »Ако сакаш, можеш да ме очистиш.« 41 А Исус, кога се смилува, протегна рака, се допре до него и му рече: »Сакам! Очисти се!« 42 И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист; 43 па, како го отпушти, му заповеда 44 и му рече: »Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистување, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.« 45 А тој, штом излезе, почна да раскажува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, а се задржуваше надвор, во осамотени места. И приоѓаа кај Него отсекаде. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society