Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Левитска 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Закон за жртвите сепаленици.

1 И го повика Господ Мојсеја, и му рече од скинијата на сведоштвото, велејќи:

2 »Соопшти им на синовите Израилеви, и кажи им: кога некој од вас сака да Му принесе на Господа дарови, од добитокот, од говедата и од овците привесувајте ваш дар.

3 Ако принесува жртва сепаленица од крупен добиток, нека принесе машко, здраво; пред влезот од скинијата на сведоштвото нека ја доведе, за да придобие милост пред Господа.

4 И нека ја возложи раката своја врз главата на жртвета, и ќе придобие милост за очистување;

5 нака се заколе теле пред Господа, а синовите Аронови, свештениците, нека принесат крв, и со неа нека го попрскаат жртвеникот одозгора наоколу, што е пред влезот од скинијата на сведоштовото;

6 потоа жртвата сепаленица нека се одере и нека се исече на делови.

7 А синовите Аронови, свештениците, нека запалат оган на жртвеникот, и нека стават дрва на огнот.

8 Па потоа синовите Аронови, свештениците, нека ги наредат деловите, главата и лојта врз дрвата на огнот, што е на жртвеникот.

9 А внатрешнината и нозете нека се измијат со вода; свештеникот нека го стави сето тоа на жртвеникот; тоа е жртва сепаленица, жртва огнена, со благопријатен мирис пред Господа.

10 А ако принесува жртва сепаленица на Господа од ситен добиток, од овци или од кози, нека принесе јагне или јаре, чисто машко и здраво и да ја постави раката врз главата негова.

11 Да се заколе на северната страна од жртвеникот пред Господа, а синовите Аронови, свештениците, нека го прелијат жртвеникот со крвта одозгора наоколу.

12 И нека се расече на делови, а главата со лојот, свештеникот нека ги стави врз дрвата, што се на огнот врз жртвеникот;

13 а внатрешнината и нозете свештеникот нека ги измие со вода и сето тоа нека го донесе и нека го изгори на жртвеникот; тоа принос жртва, жртва огнена со благопријатен мирис пред Господа.

14 Ако Му принесува на Господа жртва птица како сепаленица, тогаш нека принесе на дар грлица или млад гулаб;

15 свештеникот нека ја принесе на жртвеникот, и извивајќи и ја главата, нека ја откине и нека ја изгори на жртвеникот, крвта да ја исцеди во подножјето на жртвеникот;

16 нека и ги извади гркланот и перјата и заедно со нечистотијата нека ги фрли до жртвеникот од источната страна, каде што е пепелта,

17 па нека ја прекрши меѓу крилјата, но да не ги разделува од неа; и свештеникот потоа нека ја постави на жртвеникот, врз дрвјата што се на огнот; тоа е принос жртва, жртва огненеа со благ пријатен мирис пред Господа.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies