Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Јоил 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Знаци на денот Господен, плач и молба.

1 Слово Господово до Јоила, синот Ватуилов.

2 Чујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја: се случувало ли ова во вашите денови или во деновите на вашите татковци?

3 Раскажувајте за него на децата ваши; а децата ваши нека им раскажуваат на нивните деца, и нивните деца – на следниот род;

4 сѐ што остана од гасениците, го изедоа скакулците; а што остана од скакулците, го изедоа црвите; и што остана од црвите, го изедоа бумбарите.

5 Разбудете се пијаници, плачете и ридајте, вие сите што пиете вино, за сокот гроздов, зашто е одземен од устата ваша.

6 Зашто против земјата моја дојде народ силен и безброен; забите му се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица.

7 Тој ми ја опустоши лозата, и смоквата ми ја откорна, ја обели до голо и ја фрли; гранките ѝ останаа бели.

8 Плачи како што плаче млада жена, опашана со вреќиште, за мажот од својата младост.

9 Се прекрати лебниот принос и преливот за него во домот Господен; плачат и свештениците, служителите Господови.

10 Опустошено е полето, тагува земјата, оти е уништено житото; се исуши гроздовиот сок, овенала маслината.

11 Црвенете се од срам, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, оти нема веќе жетва по нивите,

12 лозата се исуши, смоквата свена, нарот, палмата и јаболкницата – сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата кај синовите човечки исчезна.

13 Препашете се со кострет, свештеници, и плачете; ридајте, служители на Светилиштето. Влезете и ноќевајте, служители на мојот Бог, во кострет, зашто во Домот на вашиот Бог нема веќе лебен принос и прелив.

14 Определете пост, објавете свечен собир, повикајте ги старците и сите жители од тој крај во домот на Господа, вашиот Бог – викајте кон Господа.

15 О каков ден! Оти денот Господен е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот.

16 Зар пред очите наши не се одзеде храната, и од домот на нашиот Бог – веселбата и радоста?

17 Изгниени се зрната во своите лушпи, запустени се житниците, урнати се амбарите, оти нема веќе жито.

18 Ете, стенка добитокот, нажалени одат стадата волови, зашто нема за нив пасиште; се измачуваат и стадата овци.

19 Кон Тебе, Господи, викам, оти оган ги проголта сочните пасишта во пустињата, и пламен ги подгори дрвјата во полето.

20 Дури и животните во полето викаат кон Тебе, зашто секна водата по потоците, и оган ги изгори пасиштата во пустињата.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies