Исход 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Намножување и маките на децата Израилеви во Египет. 1 А овие се имињата на синовите Израилеви, кои дојдоа во Египет со Јакова, таткото нивни; секој со целото свое семејство дојде. 2 Рувим, Симеон, Левиј и Јуда, 3 Исахар, Завулон и Венијамин, 4 Дан и Нефталим, Гад и Асир. А Јосиф, пак, беше во Египет. 5 И сите, кои произлегоа од Јакова, беа седумдесет и пет души. 6 Потоа Јосиф умре и сите браша негови, и сиот нивни род; 7 а синовите Израилеви се народија и се намножија, и беа многу, и се засилија многу, така што земјата се наполни со нив. 8 Тогаш во Египет се зацари нов цар, кој не знаеше за Јосифа, 9 и му рече на народот свој: »Еве, народот на синовите Израилеви е многуброен и посилен од нас. 10 Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да не си отидат од земјата наша.« 11 И поставија над нив надзорници над работите за да ги мачат со работа. Така му ги изградија на Фараонот утврдените градови Питом и Рамзес и Он, наречен сега Илиопол. 12 Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа, и се засилуваа многу, така што се плашеа Египтјаните од синовите Израилеви. 13 Затоа Египтјаните ги гонеа синивите Израилеви со жестокост, 14 и им го загорчуваа животот со тешки работи, со кал и правење тули, и со секаква работа во полињата, и со сите други работи, ги измачуваа немилосрдно. 15 Освен тоа, царот египетски им се обрати на бабиците еврејски, од кои на едната ѝ беше името Сепфора, а на другата Фуа; 16 и им рече: »Кога ќе бабувате кај Еврејките, и при породувањето, ако видите дека е машко, убијте го, а ако биде женско, запазете го!« 17 Но бабиците се плашеа од Бога и не правеа така, како што им заповеда царот египетски, туку ги оставаа децата од машки пол. 18 А царот египетски ги повика бабиците и им рече: »Зошто правите така и ги оставата машките деца во живот?« 19 А бабиците му одговорија на Фараонот: »Еврејките не се како жените египетски: зашто пред да дојде бабицата, тие веќе родиле.« 20 Бог, пак, им превеше на бабиците добро; а народот се множеше и многу се засилуваше. 21 И бидејќи бабиците се плашеа од Бога, Бог им правеше добро за да преуспеваат во животот. 22 Тогаш му заповеда Фараонот на целиот народ свој, велејќи: »Секое машко кое ќе се роди кај Евреите, фрлете го в река: само женските деца оставајте ги во живот.« |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society