Амос 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990За казните на соседите Израилеви. 1 Зборовите на Амоса, еден од пастирите на Текоја, што ги чува во видение за Израилот во деновите на јудејскиот цар Озија, и во деновите на јудејскиот цар Јеровоам, синот Јоасов, две години пред потресот. 2 И рече тој: Господ ќе загрми од Сион и ќе го пушти гласот Свој од Ерусалим, и ќе се расплачат куќите пастирски, и ќе се исуши врвот на Кармил. 3 Така вели Господ: за трите престапи на Дамаск и за четирите нема да го поштеди, зашто го вршеа Галад со железни орудија. 4 Ќе пуштам оган во домот Азаилов, и тој ќе ги проголта дворците на Венадад. 5 Па ќе ги разбијам резињата на Дамаск и ќе ги истребам жителите од долината Авен, и оној, што држи жезал, од домот Еденов; народот Арамејски ќе отиде во ропство во Кир, вели Господ. 6 Така вели Господ: за три престапи на Газа и за четири нема да ја поштедам, зашто тие ги одведоа сите во ропство, за да му ги предадат на Едома. 7 И ќе испратам оган во ѕидовите на Газа и тој ќе ги проголта дворците нејзини. 8 Па ќе ги истребам жителите на Азот, и оној, што го држи жезалот во Аскалон, и ќе ја свртам раката Своја против Екрон, и ќе загине остатокот на Филистејците, вели Господ. 9 Вака вели Господ: за трите престапи на Тир и за четири нема да го поштедам, зашто тие му ги предадоа на Едома сите заробеници, и не се сетија за братскиот сојуз. 10 Ќе пратам оган во ѕидовите на Тир, и тој ќе ги проголта дворците негови. 11 Така вели Господ: за трите престапи на Едома и за четири нема да го поштедам, зашто тој ги гонеше браќата свои со меч, ги погази родбинските чувства, беше свиреп во гневот свој и секогаш ја држеше јароста своја. 12 Ќе испратам оган врз Теман, и тој ќе ги проголта дворците на Восор. 13 Така вели Господ: за трите престапи на синовите Амонови и за четири нема да ги поштедам, бидејќи тие ги расекуваа бремените жени во Галад, за да ги прошират границите свои. 14 И ќе запалам оган во ѕидовите на Рава, и тој ќе ги проголта дворците нејзини со врисок во денот на бојот и со виор во денот на бурата. 15 И ќе отиде царот нивни во ропство, тој и кнезовите негови заедно, вели Господ. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society