Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Агеј 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


Прекор поради неѕидање на храмот.

1 Во втората година на царот Дарија, во шестиот месец, на првиот ден во месецот, би слово Господово преку пророкот Агеј до Зоровавела, синот на Салатиила, управител на Јудеја, и до Исуса, синот Јоседеков, првосвештеникот.

2 Вака вели Господ Саваот: »Овој народ говори: Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господен.«

3 И би слово Господово преку пророкот Агеј, велејќи:

4 »А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е Светилиштето запустено?«

5 Затоа сега вака вели Господ Саваот: »Свртете го срцето ваше врз вашите патишта.

6 Вие сеете многу а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе.«

7 Така вели Господ Саваот: »Свртете го срцето ваше кон патиштата свои.

8 Качете се на планината, донесете дрва и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославувам, вели Господ.

9 Мислите многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го раздувувам. Зошто? – вели Господ Саваот: Затоа што е домот Мој запустен, а вие пак трчате кон домот свој.

10 Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови.

11 Затоа повикав суша врз земјата, врз горите, врз житото, врз гроздовите, врз елејот и врз сѐ што се раѓа од земјата, и врз човекот и врз добитокот, и врз секој ваш рачен труд.«

12 И Зоровавел, Салатииловиот син, и Исус, синот на Јоседека, и сиот друг народ го послуша гласот на Господа, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се подуплаши од Господа.

13 Тогаш Агеј, гласникот Господов, испратен од Господа, му рече на народот: »Јас сум со вас« – вели Господ.

14 И Господ го подигна духот на Зоровавела, синот Салатиилов, управителот на Јудеја, духот на Исуса, синот Јоседеков, првосвештеникот, и духот на сиот друг народ – и тие дојдоа и почнаа да го градат домот на Господа Саваот, својот Бог;

15 а тоа стана во дваесет и четвртиот ден од шестиот месец, во втората година на царот Дариј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies