Aanlyn Bybel

- Advertensies -

2 Јован 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990


До една жена што верува и до нејзините деца. Нека останат во вистината во која одат.

1 Од старешината – до избраната госпоѓа и нејзините чеда, кои вистински ги сакам, – и не само јас, туку и сите, што ја познаа вистината;

2 поради вистината, која пребива во нас и ќе биде со нас секогаш.

3 Да биде со вас благодатта, милоста, мирот од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, Синот на Отецот, во вистина и љубов!

4 Многу се зарадував, оти чедата твои ги најдов како одат во вистина, онака како што добивме заповед од Отецот.

5 И сега те молам, госпоѓо, не како да ти пишувам нова заповед, но онаа, која ја имаме од почетокот, да се сакаме еден со друг.

6 А љубовта се состои во тоа, да постапуваме по Неговите заповеди. Тоа е заповедта, што ја чувте во почетокот, за да постапувате според неа;

7 бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во плот; таков човек е измамник, антихрист.

8 Пазете се за да не го изгубите она, за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда.

9 Секој, кој прави престапи и не пребива во Христовото учење и не е во Него, Го нема Бога; кој пребива во Христовото учење, тој Го има и Отецот и Синот.

10 Кој доаѓа при вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го;

11 зашто, кој го поздравува, учествува во неговите лоши дела.

12 Вистина, имав многу да ви пишувам, но не сакав на книга и со мастило, оти се надевам дека ќе дојдам при вас и од устата да ви зборувам, та радоста ваша да ви биде полна.

13 Те поздравуваат чедата на избраната твоја сестра. Амин!

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016

© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016 

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies