Aanlyn Bybel

- Advertensies -


Послание на апостол Павле до Тит 1 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Поздрав

1 Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос за поткрепување на верата на Божјите избраници и за спознавање на вистината која води кон благочестие,

2 со надеж за вечниот живот, што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не лаже,

3 и Кој во Свое време го објави Своето слово преку проповедта што ми ја довери мене по заповед на Бога, нашиот Спасител,

4 до Тит, моето вистинско чедо по за­едничката ни вера. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Господ Исус Хрис­тос, нашиот Спасител!


Задолженијата на Тит во Крит

5 Во Крит те оставив за да го довршиш незавршеното и во сите гра­дови да поставиш презвитери, како што ти бев порачал:

6 ако е некој непорочен, маж на една жена, и ако има деца што веруваат, што не се укорувани за разузданост или непокорност.

7 Зашто, епископот, како управител на Божјиот дом, треба да е непорочен, да не е гневлив, ни пијаница, ни насилник, ни алчен за нечесна добивка,

8 туку гостољубив, доброљубив, благоразумен, справедлив, свет, воздржлив;

9 да се придржува до вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги побива оние кои му се противат.


Лажните учители

10 Зашто има и мнозина непокорни, празнословци и измамници, а особено меѓу обрезаните.

11 На таквите треба да им се затвори устата: тие растураат цели домови, учејќи на она што не треба, и тоа за гнасна печалба.

12 Еден од нив, нивен пророк, беше рекол: „Критјаните се секогаш лаж­ливци, зли ѕверови, мрзливи мешишта.“

13 Тоа сведоштво е вистинито. Поради таа причина укорувај ги строго, за да бидат здрави во верата,

14 и да не обрнуваат внимание на јудејски приказни и на за­поведи од луѓе кои се одвраќаат од вистината.

15 За чистите сѐ е чисто, а на осквернетите и на неверните ништо не им е чисто; напротив, ним им се осквернети и умот и совеста.

16 Тврдат дека Го познаваат Бога, но со делата Го одрекуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и неспособни за никакво добро дело.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies