Матеј 1 - Нов превод на Новиот Завет 2023Родословот на Господ Исус Христос ( Лк 3,23-38 ) 1 Книга за родословот на Исус Христос, син на Давид, син на Авраам. 2 Авраам го роди Исаак, Исаак го роди Јаков, а Јаков ги роди Јуда и неговите браќа; 3 Јуда ги роди Фарес и Зара, со Тамара; Фарес го роди Есром, а Есром го роди Арам; 4 Арам го роди Аминадав; Аминадав го роди Наасон, а Наасон го роди Салмон; 5 Салмон го роди Вооз со Раав; Вооз го роди Овид со Рута, а Овид го роди Јесеј; 6 Јесеј го роди царот Давид, а царот Давид, со жената на Урија, го роди Соломон; 7 Соломон го роди Ровоам; Ровоам го роди Авија, а Авија го роди Аса; 8 Аса го роди Јосафат; Јосафат го роди Јорам, а Јорам го роди Озија; 9 Озија го роди Јоатам; Јоатам го роди Ахаз, а Ахаз го роди Езекија; 10 Езекија го роди Манасија; Манасија го роди Амон, а Амон го роди Јосија; 11 Јосија го роди Јехонија и неговите браќа, за време на преселувањето во Вавилон. 12 А по вавилонското преселување Јехонија го роди Салатиил, а Салатиил го роди Зоровавел; 13 Зоровавел го роди Авиуд; Авиуд го роди Елијаким, а Елијаким го роди Азор; 14 Азор го роди Садок; Садок го роди Ахим, а Ахим го роди Елиуд; 15 Елиуд го роди Елеазар; Елеазар го роди Матан, а Матан го роди Јаков; 16 Јаков го роди Јосиф, мажот на Марија, од која се роди Исус, наречен Христос. 17 И така, сите поколенија од Авраам до Давид се четиринаесет; и од Давид до преселувањето во Вавилон се четиринаесет поколенија; а и од преселувањето во Вавилон до Христос – четиринаесет поколенија. Раѓањето на Исус Христос ( Лк 2,1-7 ) 18 А раѓањето на Исус Христос се случи вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосиф, уште пред да заживеат во заедница, се виде дека таа зачнала од Светиот Дух. 19 А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи беше праведен, не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја остави. 20 Но штом помисли така, Господов ангел му се јави на сон и му рече: „Јосифе, сине Давидов, не плаши се да ја примиш Марија, твојата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. 21 Таа ќе роди Син и ќе Му дадеш име Исус, зашто Тој ќе го спаси Својот народ од неговите гревови.“ 22 А сето тоа се случи за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели: 23 „Ете, девица ќе зачне во утробата и ќе роди Син и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!“ 24 Штом се разбуди од сонот, Јосиф направи како што му беше заповедал ангелот Господов и ја зеде својата жена. 25 И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот првороден Син; и Му даде име Исус. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society