Марко 1 - Нов превод на Новиот Завет 2023Улогата на Јован Крстител ( Мт 3,1-12 ; Лк 3,1-18 ; Јн 1,19-28 ) 1 Почеток на благовестието на Исус Христос, Син Божји. 2 Како што е напишано кај пророците: „Еве, Јас го испраќам пред Твоето лице Мојот ангел, кој ќе го подготви Твојот пат пред Тебе. 3 Гласот на оној што вика во пустината: ’Подгответе го патот на Господа, исправете ги Неговите патеки.‘“ 4 Се појави Јован, крштевајќи во пустината и проповедајќи покајно крштевање за простување на гревовите. 5 И доаѓаа кај него од целата јудејска земја и од Ерусалим, и сите се крштеваа од него во реката Јордан, исповедајќи ги своите гревови. 6 А Јован беше облечен во камилски влакна и појас од кожа околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед. 7 Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Оној што е посилен од мене, Кому не сум достоен да Му се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките. 8 Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух.“ Исусовото крштевање ( Мт 3,13 ; Лк 3,21-22 ) 9 А во оние денови дојде Исус од Назарет галилејски и се крсти од Јован во Јордан. 10 И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата и како Духот, во вид на гулаб, слегува над Него. 11 И се слушна глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја.“ Исусовото искушување во пустината ( Мт 4,1-11 ; Лк 4,1-13 ) 12 Веднаш потоа Духот Го изведе во пустината. 13 И таму, во пустината, четириесет дена беше искушуван од сатаната; беше со ѕверовите и ангелите Му служеа. Исус го проповеда благовестието во Галилеја ( Мт 4,12-17 ; Лк 4,14-15 ) 14 А потоа, откако Јован беше затворен, Исус дојде во Галилеја и го проповедаше благовестието за царството Божјо, 15 велејќи: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во благовестието.“ Повик до четирите рибари ( Мт 4,18-22 ; Лк 5,1-3 . 10-11 ) 16 И, одејќи покрај Галилејското Море, Исус ги виде Симон и Андреј, Симоновиот брат, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари. 17 Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“ 18 И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. 19 Па, штом отиде уште малку понатаму, ги виде Јаков Зеведеев и брат му Јован кои, исто така, беа во кораб и си ги крпеа мрежите; 20 веднаш ги повика и нив. И тие, откако го оставија својот татко Зеведеј во коработ со наемниците, тргнаа по Него. Исус во Капернаум ( Лк 4,31-37 ) 21 И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата Тој влезе во синагогата и поучуваше. 22 И се чудеа на Неговата наука, зашто Тој ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците. 23 А во нивната синагога имаше еден човек со нечист дух, кој извика, велејќи: 24 „Што имаш Ти со нас, Исусе Назареецу?! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си – Божјиот Светец!“ 25 Но Исус му заповеда, велејќи: „Замолкни и излези од него!“ 26 Тогаш нечистиот дух го стресе човекот и, извикувајќи со силен глас, излезе од него. 27 И сите се ужаснаа, така што еден со друг се прашуваа и велеа: „Какво е ова ново учење, штом со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат?“ 28 И веднаш се разнесе глас за Него по целиот Галилејски крај. Излекување на Симоновата тешта ( Мт 8,14-17 ; Лк 4,38-39 ) 29 Штом излегоа од синагогата, со Јаков и Јован дојдоа во куќата на Симон и Андреј. 30 А тештата на Симон лежеше со треска; и веднаш Му кажаа за неа. 31 Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа им служеше. Исус лекува мнозина ( Мт 4,24 ; 8,16-17 ; Лк 4,40-41 ) 32 А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесоа секакви болни и опседнати од демони. 33 И целиот град се беше собрал пред вратата. 34 И Тој излечи мнозина болни што страдаа од разни болести; истера мноштво демони и не им дозволуваше на демоните да зборуваат дека знаат оти Тој е Христос. Исус во Галилеја ( Мт 4,23 ; Лк 4,42-44 ) 35 А следното утро, во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место и таму се молеше. 36 А Симон и оние што беа со Него, тргнаа да Го бараат; 37 па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ 38 А Тој им рече: „Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, бидејќи затоа дојдов.“ 39 И проповедаше во нивните синагоги, по цела Галилеја и изгонуваше демони. Исус исцелува лепрозен ( Мт 8,1-4 ; Лк 5,12-16 ) 40 И дојде кај Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна на колена пред Него и Му рече: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ 41 А Исус се смилува, ја испружи раката, се допре до него и му рече: „Сакам, очисти се!“ 42 И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој се очисти; 43 Па го отпушти и строго му заповеда, 44 велејќи му: „Гледај, никому ништо да не кажуваш; туку отиди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за твоето очистување, како што заповедал Мојсеј, за ним да им се посведочи.“ 45 А тој, штом излезе, почна многу да проповеда и да разгласува за тоа, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, туку се задржуваше надвор, во осамени места. И доаѓаа кај Него отсекаде. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society