Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Јован 1 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Словото на животот

1 Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог.

2 Тоа во почетокот беше во Бога.

3 Сѐ преку Него стана и без Него ништо не стана, од она што постана.

4 Во Него беше животот и животот им беше светлина на луѓето.

5 Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати.

6 Имаше еден човек, ис­пратен од Бога, по име Јован;

7 тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат пре­ку него.

8 Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината,

9 вистинската Светлина, Ко­ја го осветлува секој човек што доаѓа­ во светов.

10 Беше во светот и светот преку Него постана, но светот не Го позна.

11 Дојде при Своите, но тие не Го примија.

12 А на сите што Го примија – на сите што веруваат во Неговото име – им даде моќ да станат Божји чеда.

13 Тие не се родија од крв, ниту од телесна похота, ниту од похота машка, туку од Бога.

14 И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас, полно со благодат и со вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.

15 Јован сведочеше за Него и викаше со силен глас: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, што доаѓа по мене, пред мене е, бидејќи беше пред мене!“

16 И од Неговата полнота сите примивме благодат врз благодат;

17 зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината дојдоа преку Исус Христос.

18 Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во пазувите на Отецот – Тој Го објави.


Сведоштвото на Јован Крстител
( Мт 3,1-12 ; Мк 1,1-8 ; Лк 3,1-18 )

19 И ова е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свеш­теници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“

20 И потврди и не одрече, туку објави: „Јас не сум Христос.“

21 И го прашаа: „Кој си тогаш? Илија ли си?“ И рече: „Не сум.“ „Про­рок ли си?“ И одговори: „Не.“

22 А тие му рекоа: „Па кој си, за да им дадеме одговор на оние што нѐ испратија; што велиш за себе?“

23 Тој рече: „Јас сум гласот на оној што вика во пустината: израмнете го Госпо­довиот пат, како што вели пророкот Исаија.“

24 А испратените беа од фарисеите;

25 и го запрашаа велејќи му: „Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ниту Илија, ниту пророк?“

26 Јован им одговори и рече: „Јас крш­тевам со вода, но меѓу вас стои Еден Кого вие не Го познавате.

27 Тој е Оној што доаѓа по мене, Кој бе­ше пред мене, Кому јас не сум досто­ен да Му ги одврзам ремењата од обув­ките.“

28 Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован.


Јагнето Божјо

29 Утредента Јован Го виде Исус како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое го зема гревот на светот врз Себе!

30 Овој е Оној, за Кого реков: по мене доаѓа Човек, Кој е пред мене, бидејќи беше пред мене.

31 Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода за Тој да му биде об­јавен на Израил.“

32 И Јован посведочи велејќи: „Го ви­дов Духот како слегува од небото како гу­лаб и остана над Него.

33 Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштевам со вода, Тој ми рече: ’Врз Кого ќе видиш дека Духот слегува и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштева со Светиот Дух.‘

34 И јас видов и посведочив дека Тој е Синот Божји.“


Првите Исусови ученици

35 Утредента, Јован повторно стоеше со двајца од своите ученици.

36 И здогледувајќи Го Исус како поминува, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“

37 Кога ги слушнаа од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исус.

38 А Исус, обѕрнувајќи се и гледајќи дека Го следат, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави – што значи: Учителе – каде живееш?“

39 Тој им рече: „Дојдете и видете!“ Тие отидоа и видоа каде живее и тој ден останаа кај Него. Беше околу десеттиот час.

40 А еден од двајцата, што беа слушнале од Јован и беа тргнале по Него, беше Ан­дреј, братот на Симон Петар.

41 Тој прво го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи: Христос.“

42 И го одведе кај Исус. А Исус, кога го погледна, му рече: „Ти си Симон, си­нот на Јона; ти ќе бидеш наречен Кифа, што значи: Петар.“


Повикот до Филип и Натанаил

43 Утредента Исус реши да отиде во Галилеја и го најде Филип, па му рече: „Врви по Мене!“

44 А Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар.

45 Филип го најде Натанаил и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишуваа Мојсеј во Законот, и Пророците – Исус, синот Јосифов, од Назарет!“

46 А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му рече: „Дојди и види!“

47 Кога Исус го виде Натанаил како доаѓа кај Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство!“

48 Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.“

49 Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израил!“

50 А Исус, одговарајќи, му кажа: „Бидејќи ти реков дека те видов под смоквата, затоа ли веруваш? Ќе видиш повеќе од ова.“

51 И му рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото от­во­рено и Божјите ангели како се иска­чу­ваат и слегуваат над Синот Човечки.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies