Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Јаков 1 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Поздрав

1 Јаков, слуга на Бога и на Господ Исус Христос, испраќа поздрав до дванаесетте племиња, кои живеат раселени.


Вера и мудрост

2 Браќа мои, сметајте дека е голема радост кога ќе паднете во разни искушенија,

3 знаејќи дека испитувањето на вашата вера поттикнува истрајност:

4 а вашата истрајност нека се покаже совршена за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток.

5 Ако, пак, некому од вас му не­достига мудрост, нека ја бара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор – и ќе му се даде.

6 Но да бара со вера, без и најмалку да се сомнева; зашто оној кој се сомнева, прилега на морски бран, што ветрот го издига и растура;

7 таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господ.

8 Тоа е колеблив човек, непостојан во сите свои патишта.


Сиромаштија и богатство

9 Братот кој е на скромна положба нека се фали со својата возвишеност,

10 а богатиот – со својата скромност, бидејќи тоа е минливо како цвет од тре­ва;

11 зашто сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и нејзиниот цвет отпаѓа, и убавината на неј­зи­ниот лик исчезнува. Така и богатиот ќе овене на своите патишта.


Човечкото искушение и Божјиот дар

12 Блажен е оној човек кој поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде про­верен, ќе го добие венецот на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го љубат.

13 Никој, кога е искушуван да не вели: „Бог ме искушува“, бидејќи Бог не може да биде искушуван од злото, и Тој никого не искушува,

14 но секој е искушуван од сопствената по­хота која го влече и мами.

15 Потоа похотата зачнува и раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт.

16 Не лажете се, браќа мои возљубени.

17 Секое дадено добро и секој совршен дар е одозгора, слегува од Оте­цот на светлините, во Кого нема про­мена ниту сенка од измена.

18 Тој нѐ роди по Својата волја преку словото на вистината, за да би­деме првина меѓу Неговите созданија.


Да се слуша и извршува словото

19 И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз за слушање, а бавен за зборување и бавен за гнев,

20 бидејќи човечкиот гнев не ја из­вр­шува Божјата правда.

21 Затоа, оставаете ја секоја нечистота и насобрана злоба, и со кроткост примете го всаденото слово, кое може да ги спаси вашите души.

22 Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се себеси.

23 Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето лице во огледало;

24 ќе се погледне, па ќе си замине и веднаш заборава каков бил.

25 Но оној што се задлабочува во совр­ше­ниот закон на слободата, и останува во не­го, и не е заборавлив слу­шател, туку исполнител на дела, тој ќе биде блажен во своето дејствување.

26 Ако некој од вас мисли дека е по­бо­жен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побож­ност е безвредна.

27 Чиста и непорочна побожност пред Бога и Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се запазиш неосквернет од светот.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies