Евреите 1 - Нов превод на Новиот Завет 2023Бог ни се објавува преку Синот 1 Бог, Кој во минатото многупати и на многу начини им зборуваше на нашите татковци преку пророците, во овие последни денови ни зборува преку Синот, 2 Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите. 3 Тој е одблесок на Божјата слава и отпечаток на Неговата суштина и држи сѐ со Својот моќен збор. Откако преку Себе ги очисти нашите гревови, Тој седна од десната страна на Величието во висините. Величието на Синот Божји 4 И стана толку повозвишен од ангелите, колку што е пославно името што го наследи, во споредба со нивното. 5 Зашто кому од ангелите Бог некогаш му рекол: „Ти си Мој Син, Јас денес Те родив“, или пак: „Јас ќе Му бидам Татко, а Тој ќе Ми биде Син?“ 6 Исто така, кога Го воведе Првородениот во светот, рече: „Нека Му се поклонат сите Божји ангели!“ 7 За ангелите, пак, вели: „Ти ги правиш Своите ангели ветрови, а Своите служители – огнен пламен“, 8 а за Синот: „Твојот престол, Боже, е во вечни векови и жезолот на правдата е жезол на Твоето царство. 9 Си ја возљубил правдата и си го намразил беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со масло на радоста повеќе од Твоите придружници.“ 10 И пак: „Во почетокот Ти, Господи, си ја основал земјата, а и небесата се дело на Твоите раце; 11 тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветват како облека; 12 ќе ги свиткаш како наметка и тие ќе бидат променети; но Ти си истиот, и Твоите години не ќе имаат крај.“ 13 А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: „Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријателите како подножје на Твоите нозе?“ 14 Нели се сите тие служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението? |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
Macedonian Bible Society