Aanlyn Bybel

- Advertensies -

Ефесјаните 1 - Нов превод на Новиот Завет 2023


Поздрав

1 Павле, по Божја волја апостол на Исус Христос, до светиите и верните во Христос Исус што се во Ефес:

2 благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и од Господ Исус Христос!


Неизмерна благодат

3 Нека е благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој во Христос нѐ благослови со секаков духовен благос­лов од небесата,

4 така што нѐ избра преку Него, уш­те пред создавањето на светот, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта.

5 Тој нѐ предопредели за посинување за Себе преку Исус Христос, според благонаклонетоста на Својата волја,

6 за пофалба на славата на Него­вата благодат, со која нѐ облагодати преку Својот Возљубен Син,

7 во Кого имаме откуп преку Негова­та крв, простување на гревовите според бо­гатството на Неговата благодат,

8 што изобилно ја излеа врз нас во сета мудрост и разум,

9 откривајќи ни ја тајната на Своја­та волја, според Својата благонаклонетост што ја беше положил во Него од порано,

10 за да ја оствари при исполнувањето на времињата, да возглави сѐ во Христос, и она што е на небесата, и она што е на земјата.

11 Преку Него бевме избрани за наследници, предопределени спо­ред намислата на Оној што врши сѐ спо­ред Својата волја,

12 за да бидеме за пофалба на Неговата слава ние, кои од порано се надевавме на Христос.

13 Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината – благовестието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, бевте запечатени со ветениот Свет Дух,

14 Кој е залог на нашето наследство, за откупување на она што го стекна, за пофалба на Неговата слава.


Молитва за просветление

15 Затоа и јас, кога слушнав за ва­шата вера во Господ Исус и за вашата љубов кон сите светии,

16 не престанувам да благодарам за вас, спомнувајќи ве во моите молитви,

17 та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение за да Го познаете,

18 и да ги просветли очите на вашите срца, за самите да увидите каква е на­дежта од Неговиот повик, какво е богатството на славата на Неговото наследството во светиите,

19 и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме пре­ку моќното дејствување на Неговата сила,

20 коешто Тој го пројави во Христос, кога Го воскресна од мртвите и Го пос­тави од Својата десна страна на небесата,

21 повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот,

22 и сѐ Му покори под Неговите нозе и Го постави за глава над сѐ во Црквата,

23 која е Негово тело, полнота на Оној што исполнува сѐ во сѐ.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2023

Macedonian Bible Society
Volg ons:



Advertensies